Кандидатите за советници од Движењето ЗНАМ За Наша Македонија – Прилеп денеска имаа ново програмско обраќање посветено на спортот и активниот начин на живот – области што, како што велат, се клучни за здрави генерации и посилна заедница.
Тие најавија организација на спортски активности за сите возрасти, со цел секој граѓанин да добие можност за рекреација и дружба преку спортот. Во рамки на нивната визија, предвидена е и изградба на адреналински паркови, како мала, но значајна инвестиција што ќе донесе големи придобивки за целата заедница.
Посебен акцент ставија на поттикнувањето на младите и децата да се вклучат во спортски активности и клубови, со што се создаваат здрави навики, тимски дух и позитивна енергија во општината.
Движењето ЗНАМ нагласува дека спортот не е само натпревар, туку начин на живот – и токму затоа ќе се залагаат Прилеп да стане град на спортот, рекреацијата и здравата енергија.