Ова е целата сторија зад фотографијата на Коби Бpajaнт со македонското знаме: Екипата “Алфа 1” од Прилеп била чудо на турнирот

Фотографија која датира од далечната 1998 година од Светското првенство во Streetball во Париз, вчера се појави на социјалните мрежи.

На фотографијата покрај легендарниот Коби Брајант, од десната страна стои Трејси Мекгрејди, легендарниот НБА играч на Хјустон Рокетс, а заедно со нив фотографирани се и тројцата прилепчани: Менде Папазоски, Дарко Спироски, Алмир Мифтароски.

Истражувавме малку и ја дознавме целата сторија која се крие зад оваа фотографија.

Се работи за македонската екипа во стритбол “Алфа 1” од Прилеп, која завршила на шестото место на четвртото по ред Светско првенство.

Резултатот на нашата екипа бил постигнат помеѓу 31 екипа, поделени во 8 групи по 4 екипи, со исклучок на групата во која се наоѓала македонската репрезентација, а во групата се натпреварувале против Франција и Сингапур.

На фотографијата покрај тројцата прилепчани Менде Папазоски, Дарко Спироски, Алмир Мифтароски, е уште и штипјанецот Марјан Ѓуров.

Нашите репрезентативци го освоиле првото место во групата, совладувајќи ги Сингапур и домаќинот Франција. Во осминафиналниот дуел ја победиле Унгарија, а во четвртфиналето Македонија била совладана од репрезентацијата на Сојузна Република Југославија, кои подоцна станале и светски прваци.

Во понатамошното разигрување за до осмо место на турнирот, Македонија ја совладала Полска, а загубила од Хрватска, па така нашите момци завршиле на крајното шесто место.

Според прилогот од спортските архиви, доколку Македонија ја избегнала Југославија во четвртфиналето, сме имале реални шанси да бидеме вицешампиони.

Исто така се додава дека за популаризација на турнирот придонело присуството на НБА ѕвездите, Коби Брајант и Трејси Мекгрејди.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.