Општина Прилеп и Здружението на граѓани „ПРИЛЕПСКИ МЕЧКАРИ“, како организатори на годинешното 23 издание на Kарневалот „ПРОЧКА 2024“, се подготовуваат за одржувањето на оваа значајна манифестација, која во изминатите години постигна голем успех во поглед на промоција на градот Прилеп во пошироки рамки.
Активностите ќе започнат на 28.02. со отворање на изложба, богатство од креации на маски/сурати, изработени од учениците во основните и средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и оделенска настава, кои се партнери во целокупната организација.
Изложбата ќе биде поставена во Центарот за култура Марко Цепенков, каде ќе бидат прогласени и најдобрите избрани маски, а стручна жири комисија ќе го спроведе изборот.
Во сабота на 01.03. на платото кај Градскиот Саат, втора година по ред предвидена е презентација на народниот обичај АМКАЊЕ од страна на Здружението Преродба. Истата ќе биде изведена во автентичен амбиент, привлечен за минувачите, кои во тој период ги има многу, како прилепчани, така и гости, а настанот ќе биде збогатен со сет на DJ Robbie Ray.
Централен настан е дефилето на маски во недела, на кое ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а стартот е од пред НУЦК Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот Методија Андонов Ченто, каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика, а дефилето ќе биде збогатено со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања!
Традиционалниот ручек и одбележувањето на „Чист Понеделник“ заедно со здружението „Прилепски Мечкари“ ќе биде на 3 март, во понеделник, во 12:00 часот на манастирот Св. Ѓорѓија во селото Присад.
За најдобрите и најкреативни фотографии стручното жири ќе додели соодветни парични награди.