Општина Прилеп денеска го објави тендерот за реализација на проектот кружен тек на мостот “Табана”. Јавната набавка ќе трае до 10.02.2025година, до кога заинтересираните изведувачи ќе треба да ги поднесат своите понуди.
За изградбата на овој капитален проект општината средства доби од Министерството за транспорт и врски, како дел од проектот на Владата за финансирање на проекти во локалните самоуправи преку унгарскиот заем од 250 милиони евра.
Изградбата на кружен тек на улицаите „11-ти Октомври“, „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“), треба да се реализира во рок од 300 денови сметано од денот на воведување во работа.
Изградбата на кружен тек на мостот “Табана” е проект кој датира уште од 2017 година, за кој средства беа обезбедени од Светска банка, а го најави тогашниот градоначалник Марјан Ристески. За жал проектот беше откажан од следната владеачка гарнитура предводена од Илија Јованоски, за кого овој проект веројатно беше голем залак.
Вредноста на проектот во тоа време требаше да изнесува околу 2 милиони, обезбедени преку кредит од Светска банка, со три години грејс период и рок на отплата од 10 години. Кредитот вклучуваше и енормно ниска камата која беше доста поволна за општината, а после завршувањето на проектот, општината требаше да добие ГРАНТ во вредност од 500.000 евра за успешно завршување на проект.
На таков начин Прилеп ќе добијаше средства за финансирање на друг капитален проект што ќе беше од огромно значење за градот.
Еве како беше замислено тогаш да изгледа овој проект:
Покрај за реализација на овој проект, општина Прилеп од унгарскиот заем средства доби и за изградбата на дел од улица „Победа“, од крстосница со улица „Александар Македонски“ до крстосница со улица „Павел Шатев“, прокет за кој исто така во тек е тендерската постапка, и за реконструкција на постоечки водоводни линии во градската четврт Карабдалица, во централното градско подрачје.