Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а во источните делови ќе има услови за појава на грмежи. Во утринските и претпладневните часови на повеќе места се очекуваат пообилни врнежи кои локално ќе достигнат над 20 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а дневната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени.
Во изминатото деноноќие најмногу дожд, 24 литри на квадратен метар наврна во Крива Паланка, 22 во Берово, Струмица и Демир Капија, 20 во Прилеп, 19 во Ѓуриште, 18 во Штип, 16 во Пожаране и Маврово, 13 во Скопје намерното место кај Зајчев Рид, 12 во Виница, 11 во Тетово и Гевгелија, 10 во Дојран, девет во Битола, шест во Скопје кај Петровец, пет во Крушево, четири во Тополчани, три во Дебар и два литри на квадратен метар во Лазарополе.
Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во наредниот период ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд. Локално процесите ќе бидат поинтензивни, проследени со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Повеќе сончеви периоди и претежно стабилно ќе биде во четврток.