Новите услови од „Купи куќа, купи стан“ ќе ја стимулира продажбата на станови

Градежната комора на Македонија го поддржува проектoт „Купи куќа, купи стан“ од почетокот на неговата промоција и смета дека со новите услови дополнително ќе влијае на стимулирање на продажба на нови станови за млади луѓе. Дополнително се поддржува пораст на градежниот сектор во делот на високоградба преку градење на нови станбени единици, задржување на постојните и генерирање нови вработувања, а со тоа ќе влијае врз пораст на целокупната економија.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти претседателотот на Градежната комора на Македонија Ивица Јаќимовски. Посочи дека од овој проект корист ќе имаат и компаниите преку зголемената продажба на изградени висококвалитетни и енергетски ефикасни станови, младите луѓе кои, како што рече, со многу поволни услови ќе можат да дојдат до нов стан, како и локалната и централната власт.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези информира дека пристапиле кон подобрување на моделите за „Купи куќа, купи стан“.

– Анализите покажаа дека поради поедноставената постапка, младите повеќе се заинтересирани за купување стан, особено оние што немаат почетен капитал или земјиште. Со цел да им ја обезбедиме потребната поддршка, креиравме нов модел „Купи стан за млади“. Согласно со новите подобрени услови, младите до 35 години од државата ќе добијат до 70 отсто субвенции, значи се зголемува учеството на субвенцијата, на ратата и субвенцијата на учеството, рече Елези во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Наведувајќи пример таа рече дека ако кредитот е во износ од 50 илјади евра, граѓаните од субвенцијата на ратата ќе добијат околу 11.900 евра, а ако пак е субвенција на учеството ќе добијат 8.750 евра. Елези потенцира дека каматните стапки за субвенциониран станбен кредит се едни од најниските што се нудат моментно.

Елези посочи дека граѓаните дополнително можат да аплицираат и за субвенциониран станбен кредит со намалени каматни стапки. Каматната стапка за моделот „субвенција на рата“ за првите три години е намалена од првичните 3,9 на 2,9 отсто, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество“. Таа изнесува четири отсто за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за шестмесечен еуролибор.

– Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете во текот на рокот на отплата ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, рече Елези.

Таа информира дека граѓаните што имаат над 35 години, сакаат да изградат или да купат куќа, ќе добијат субвенции од 80 отсто од месечната рата во првите пет години или 80 проценти од учеството.

Заменик-министерката Елези рече дека добиле уверување од Градежната комора дека има станови и се градат, со цена до 900 евра за метар квадратен со вклучен ДДВ.

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. За неполни три месеци откако стапиле на сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.