Новиот капитен на штипска Брегалница, прилепчанецот Даноски: Против Победа опција се само трите бода

Прилепчанецот Зоран Даноски летово пристигна во редовите на Брегалница Штип, каде како капитен ќе се обиде да му помогне на тимот експресно да се врати во Првата македонска лига.

Поранешното лево крило на прилепска Победа, минатата сезона настапуваше за Тиквеш од Кавадарци, каде се радуваше на шампионскиот пехар во Купот на Македонија.

Брегалница во првото коло од Втората лига ја дочекува токму Победа, а Даноски за натпреварот и атмосферата во соблекувалната на штипјани вели:

„Сигурен сум дека сите ќе го дадеме максимумот на секој натпревар, а целта е јасна – враќање на Брегалница во Првата лига. Знам дека публиката ќе биде наш дванаесетти играч и ќе ни дава голема поддршка, нешто што беше пракса и во минатото.

Атмосферата во соблекувалната е одлична, задоволен сум од хемијата во тимот. Одлично ги одработивме подготовките, немаме повредени играчи и со максимална мотивација го чекаме почетокот на првенството.

В недела отвораме против прилепска Победа, која исто така има млад и амбициозен тим. Нема да биде лесно, тие сигурно нема да пристигнат со бело знаме. Многу нешта ќе зависат од нашата игра, но ве уверувам дека одиме на победа на секој меч“, изјави Даноски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.