Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 12-та седница наведе дека е одбиена жалбата за набавка на уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст, со што во наредниот период ќе се склучи договор со економскиот оператор за нивна набавка.
– Комисијата пред околу половина час доби известување од Државната комисија за решавање по жалби за јавни набавки, дека жалбата поднесена во постапката за тендерската постапка за набавувањето на уредот на биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст е одбиена. Што значи дека конечно ДИК како договорен орган има правосилна одлука, односно конечна одлука во постапката. Избран е економскиот оператор и во наредниот период ќе се пристапи кон склучување на договор со истиот за набавка на уредите – наведоа од ДИК.
Со тоа е исполнет и последниот услов за одржување на изборите и, како што истакнаа, се надеваат дека ќе се оствари правото „еден гласач, еден глас“. Првата испорака треба да биде за околу 20 дена и тоа пет проценти од вкупниот број, од четири илјади.
– Ние имавме подготовки од два дена кои траеја по цел ден, така што сме подготвени за почеток на изборите, ја чекаме одлуката на претседателот на Собранието Талат Џафери. По донесувањето на одлуката и добивањето од страна на Службен весник, веднаш ќе одржиме седница на која треба да го донесеме роковникот за спроведување на локалните избори – посочија од ДИК.