Нови инвестиции во СОУ “Таки Даскалот” во Битола – Со 3 милиони денари значително ќе се подобрат условите за настава и работа (ФОТО)

На еден месец пред почетокот на новата учебна година, во општинското средно училиште „Таки Даскало“, активно се работи на подобрување на условите во училиштето. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и директорот на училиштето Ристо Грујовски, денес извршија увид на работните активности кои опфаќаат реконструкција на врати во училиштето во вкупна вредност од 1.613.650 денари и реконструкција на електрична инсталација во вкупна вредност од 1.434.202 денари.

Замената на старата столарија, вклучува демонтажа и отстранување на дрвени врати од училниците, изработка, транспорт и монтажа на дрвени врати, крила и каси со подконструкција од дрвена рамка, изработка, транспорт и монтажа на двокрилни и еднокрилни врати, како и вградување на материјал за завршна обработка на ѕидовите околу нововградените врати од двете страни со усогласување со боја и материјал како постоечката.

Реконструкцијата на електрична инсталација во училиштето, вклучува демонтажа на постоечка електрична опрема, набавка на нова и нејзино ставање во употреба.

Со оваа инвестиција во износ од околу 49.641 евра, значително се менуваат просторните услови во училиштето и се создава поубава средина за учениците и вработените во училиштето.

Градоначалникот Коњановски и директорот Грујовски, нагласија дека и во следниот период општината и училиштето во заедничка соработка и со поддршка од Министерството за образование, ќе продолжат да инвестираат како во однос на непречено одвивање на наставниот процес, така и во насока на обезбедување на нови можности за поттикнување на напредокот и спортскиот развој и на учениците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.