Деветнаесет уметници од земјава и од странство се гости на Прилеп и веќе активно творат и ги креираат своите уметнички дела, на годинашната 15-та меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“.
Уметниците денеска ги посетија градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кои се запознаа и се интересираа за работењето на уметниците и начинот на креирање на нивните дела, изразувајќи го своето задоволство од нивното учество на една од најзначајните ликовни колонии во Македонија.
Уметниците и оваа година работат во повеќе дисциплини: скулптура, инсталација, сликарство и користат различни материјали, дрво, метал и прилепски мермер. Се очекува годинава да се создадат 40 дела кои ќе бидат дел од наследството на Центарот за култура „Марко Цепенков“, кој,патем, поседува завидна колекција на уметнички дела од претходните колонии.
Делата од меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“ ќе бидат презентирани на изложбата во Центарот за култура, „Марко Цепенков“ во сабота на 22 јули со што и официјално, во Прилеп ќе заврши 15-тата меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“.
Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков -Дрен 2023„ започна на 17 ти јули и ќе трае до 22 јули.