Нова услуга во прилепската болница: Благодарение на “Моцарт”, секое новороденче ќе добива ЕХО-ПРЕГЛЕД на мозокот (ВИДЕО)

Со новата донација од компанијата Моцарт, Одделението за детски болести при Општата болница со проширена дејност Прилеп доби вреден, преносен апарат за ехо-прегледи на мозок кај новороденчиња – што значи нови можности за брза, безбедна и навремена дијагностика уште од првите денови на животот!

Со оваа донација, болницата започнува со рутински ехо-прегледи на мозок кај секое новороденче, што претставува голем чекор напред во грижата за невролошкото здравје на најмладите пациенти. Дополнително, се планира и воведување на ехо-прегледи на срце кај новороденчиња, со што ќе се обезбеди целосно следење на нивниот развој уште од самото раѓање.

„Оваа донација е од огромно значење за нашата болница, за тимот кој се грижи за новороденчињата, но најмногу за самите пациенти и нивните семејства. Благодарение на поддршката од компанијата Моцарт, започнуваме нова практика – секое бебе родено во нашата болница ќе добие ехо-преглед на мозок уште во првите денови по раѓањето. Досега, вакви прегледи се изведуваа само при клиничка индикација. Ова е дел од нашата заложба за квалитетна и современа здравствена услуга,“ – истакна д-р Кире Јоноски, директор на болницата.

Прегледите ќе ги изведува прим. м-р д-р Габриела Тавчиоска, супспецијалист по детска неврологија, која има искуство во ултразвучна дијагностика уште од 2014 година, по завршена сертифицирана обука за неуросонографија на Клиниката за детски болести „Клаичева“ во Загреб.

„Ултразвучниот преглед на мозокот е безбеден и многу корисен, особено кај новороденчињата, кога мозокот е сè уште во развој. Со оваа иницијатива ќе можеме навремено да ги детектираме потенцијалните ризици и да преземеме соодветни мерки. Горда сум што оваа услуга станува достапна и кај нас – за секое бебе родено во нашата болница. Благодарение на новиот апарат, прегледите ќе можат да се изведуваат и додека новороденчето е во инкубатор или во креветче, без да биде нарушен неговиот третман,“ – додаде д-р Тавчиоска, раководител на одделот за детски болести и постнатално згрижување на новороденчиња.

Оваа донација е пример за успешно партнерство помеѓу приватниот сектор и јавното здравство – во интерес на најмладите пациенти. Станува збор за вистински чекор кон унапредување на неонаталната грижа во Општина Прилеп.

Благодарност до Моцарт за хуманоста и вложувањето во иднината – затоа што секое новороденче заслужува шанса за здрав почеток!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.