Владата планира да ги гради хидроелектраните Чебрен и Галиште со пари од британскиот заем, соопшти премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето.
– Единствено за кое преговараме од стратешки аспект се изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште.Планираме да го работиме со парите од британскиот заем. Инвестицијата е 1,2-1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали. Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе бидат потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоара за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за Тиквешко поле, 55-60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода па се намалуваат родот и приносот – образложи Мицкоски.
Тој додаде дека двете акумулации, имајќи ја предвид околијата на Мариово која што претставува „црна дупка“ и е ненаселена, и имајќи предвид дека овој предел е опкружен со планини, може да се развива и туризам.
– Тука веќе имаме заинтересирани приватни инвеститори да го опремат со придружни содржини целиот тој простор – рече Мицкоски и додаде дека ова е стратешки проект, којшто нема да заврши во мандатот на оваа влада.
Според него, ова е проект којшто ќе трае неколку децении, но е проект којшто треба да донесе голема додадена вредност во државава. Парите се обезбедуваат преку евтини заеми како државна инвестиција, а останатото под пазарни услови и директни приватни инвестиции.