Автопатот Кичево – Охрид е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички противници, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на пуштањето во употреба за сообраќај на дел од автопатат Кичево -Охрид.
Од денеска за сообраќај се пушта потегот од автопатот од Врбјани до Ботун како автопатско решение. Ова е првиот дел од автопатот Кичево -Охрид. Како што беше истакнато, во тек се силни градежни активности по целата траса на автопатот и се очекува целосно да биде завршен крајот на следната година.
Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски:
“Почитувани граѓани на Охрид, на Струга, на Кичево, Дебраца кои што сте тука. Нaвистина е големо задоволството да ги видиме првите дваесет километри во јавност како можат да ги користат граѓаните не само на овие населени места туку на цела Македонија. Побрзо да се патува до Гостивар, до Тетово и до Скопје, да се поврзе Македонија со Албанија и да се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите оние кои што сакаат да ги посетуваат.
Ветив дека за проблемите ќе зборувам кога ќе го завршиме целиот автопат, а тоа е на крајот на следната година, но сакам да кажам две работи.
Првата е дека овој проект беше симбол за неспособноста на претходната влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен и напуштен проект на кој ниту имаше работници, ниту имаше инженери, ниту машини. Ова е проект кој што е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички противници. Од првиот ден кога влеговме во Владата мојот прв разговор со Премиерот беше токму за овој проект. И најголем дел од времето посветуваме на овој проект затоа што повторувам, ова е проект кој што ја прави разликата, ова е проект кој симболички отсликува кои сме Ние, а кои се Тие затоа што таа разлика мора да се направи и мора да ја покажуваме и ова позади мене е најдобриот доказ.
Второ, мислам дека е многу значајно и симболично дека првиот дел од патот го отвораме во славна Дебрца, овде има многу историја, многу приказни а сега има и модерен автопат.
Со среќа и да се гледаме повторно за убави работи, се надевам дека за многу брзо и на вториот дел од автопатот, а на крајот на следната година и на целиот автопат.
Нека е со среќа! – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
На настанот покрај другите членови на Владата, присуствуваа и се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Тие го истанкаа огромното значаење на овој автопат како дел од коридор 8 кој ќе ја раздвижи економијата, туризмот и севкупното живеење во овој дел од Македонија.