Николоски: Новата декларација од Бугарија е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција одговорајќи на новинарско прашање дали смета дека новата Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание значи нова провокација, вели дека таа е најдобриот доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што владата на СДСМ и ДУИ не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии.

-Прво со овој предлог на Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на Бугарското народно собрание одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај. Тоа е прво, изјави Николоски.

-Второ она кое што многу загрижува е што, да ја потсетам јавноста македонското собрание донесе Декларација во која што беа испишани таканаречените црвени линии кои што владата треба да ги почитува во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може какви декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од владата на СДСМ и ДУИ, нагласи Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.