Николоски: Никој нема дилема за потребата од трет мобилен оператор, дуополот на постојаните оператори мора да престане

Двата постојани мобилни оператори и понатаму дејствуваат како дуопол, не нудат поквалитетни услуги кон корисниците и време е да се направи конкуренција на пазарот. АЕК веќе ја започна процедурата за тендер за лиценца за трет оператор, потенцираше вицепремиерот Николоски во емисијата “360 степени”

“За жал во овие 8-9 месеци откако ние сме Влада, направија се да докажат на цела јавност дека има потреба од трет оператор. Го држат дуополот помеѓу себе, нема никаков натпревар помеѓу себе, не понудија никакви подобри услуги. Патувајте низ државата, половина држава мрежа нема или ви се губи мрежата. Да не зборувам за потценувачкиот однос кој што го имаат кон петте национални приватни телевизии и кон регионалните телевизии, каде што од граѓаните наплаќаат за кабелска телевизија, а на овие телевизии, иако имаат законска обврска, не им исплаќаат ништо. Така што направија се, за да веќе никој нема дилема дали треба или не треба да има трет оператор и АЕК веќе започна процедура за тендер за лиценца за трет оператор. Тоа е добро од повеќе причини. Прво ќе добие пари државата, некаде лиценцата е помеѓу 8 и 12 милиони евра. Второ ќе добие директна инвестиција државата, ќе се отвараат работни места и трето според мене најважно, ќе добие конкуренција затоа што во моментов конкуренција нема, двата оператори дејствуваат како еден”– истакна вицепремиерот Николоски.

Тој истакна дека покрај “4IG”, веќе имало заинтересираност од уште еден мобилен оператор од Романија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.