Николоски: “Го добивме арбитражниот спор против инвеститорите во рудникот Казан дол, државата заштеди 115 милиони евра”

Македонија го доби арбитражниот спор по тужбата од инвеститорите во рудникот “Казан дол” и успеавме да заштедиме 115 милиони евра, истакна на денешната прес конференција вицепремиерот и Министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и Претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови.

-Втората убава работа која што сакам да ја споделам со сите вас, е донесената пресуда во арбитражната постапка, позната во јавноста како “Казан дол”, каде што државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казан дол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра, и можам со гордост да кажам, како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај, истакна Николоски.

Вицепремиерот Николоски потенцираше дека претходната Влада овој случај го затворила во 2023 година и со тоа се согласиле државата да плати 115 милиони евра оштета.

-Морам да потенцирам дека случајот не беше лесен, имајќи предвид дека претходната Влада веќе го имаше затворено со завршни зборови кои што се случиле на 18. јануари 2023год., но по доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори, и истиот беше отворен на 28.јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи, и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај, и Македонија нема да плати ниту евро во случајот “Казан дол”, потенцираше Николоски.

Како куриозитет, вицепремиерот спомена дека инвеститорите од “Казан дол”, како свој застапник ја имале една од најдобрите адвокатски канцеларии во светот, тоа е “Омнија стратеџи” од Лондон, предводена од Чери Блер, сопругата на поранешниот британски премиер, Тони Блер.

Тој изрази сомнеж дека арбитражните спорови во изминатите години се решавале на штета на државата, и праша дали поединци намерно тоа го правеле во договор со одредени инвеститори.

-Откако го предводам ова тело, во координација со премиерот Мицкоски и со членовите на Владата, доста активно работиме на отворените арбитражи против државата, и би сакал да изразам сомнеж, затоа што немам повеќе од сомнеж во моментов – Дали овие арбитражни спорови против Македонија, биле отварани само затоа што така мислеле инвеститорите, или имало некаков договор со одредени членови во Владата, и како тоа наеднаш успеваме ние да ги добиваме, а претходно беше убедувана јавноста дека истите ќе бидат изгубени? – праша Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.