Ни Македонија, ни Македонци, ни бутур: Ова е владиниот постер за Илинден

Владата повторно заборави на Македонија, Македонци и македонско. Ниту Македониум, ниту Мечкин Камен, ниту АСНОМ, а камо ли Крушевска Република. Илинден, нашата сила за иднината! – е овогодинешното лого на Владата за „2 Август“. Повторно изоставени националните симболи и името на државата во симболот за Илинден 2022 година.

Премиерот Ковачевски го сподели симболот на Социјалните мрежи, нагласувајќи дека нашиот поглед бил вперен во иднината, исто како и на илинденците и асномците и заеднички сме го остварувале нивниот сон.
„На 119 годишнината од Илинденското востание и 78 годишнината од Првото заседание на АСНОМ се поклонуваме и ја славиме традицијата на комитите, револуционерните борци, партизаните, нивниот идеал, личната саможртва.

Тие нѐ задолжија вечно да ја чуваме и развиваме идејата за слободна, независна, демократска, прогресивна република и мултикултурно општество. Денес, ние интензивно ја градиме таа илинденска визија. Република Северна Македонија е земја на мир, слобода, пријателство и соживот. Земја со големи меѓународни НАТО сојузници и ЕУ пријатели, земја со европска иднина за нашите сегашни и идни генерации“ пишува Ковачевски на Фејсбук.

На ден Илинден, кога се слават херојствата на македонските револуционери, Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев, Никола Карев, Ченто и многу други, во својата најава Ковачевски не спомнува ниту еден.

Ниту еден од хероите со години не е дел ниту од симболот кој се прави за големиот македонски празник, а ова е трета година по ред не го споменува името на државата. Во 2019-та парола гласеше „Сите сме деца на Илинден“, а во 2020 „Победа за сите-Илинден“. Лани пак, само Илинден 2021 беше логото за 2-ри Август.

Инаку, во 2020-та, лидерот на СДСМ и тогашен премиер, Зоран Заев не се појави никаде официјално да го одбележи Илинден, честитка испрати преку својот Фејсбук профил, а немаше споменато ниту еден од македонските револуционери. Во 2019-та пак, Заев порача дека илинденците се бореле според него за иднина на граѓанска и демократска Северна Македонија.

Името на државата не беше споменато ниту на прослава на денот на независноста на Македонија, Осми септември, 2019-та, тогаш паролата гласеше „Боите на независноста“.

Извор: “ДЕНЕШЕН.МК”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.