Жена пополнува тикет во обложувалница. Типувањето не е зависност, туку тоа ми е корзо, разонода. Игра системско ливче на конечен резултат веќе 40 години
Прилеп има многу интересни ликови препознатливи во чаршијата. Сите ги знаат, а тие ја знаат душата на чаршијата. Мира Крстеска (70) секој ден е в чаршија. Знае како диши градот, што и како се случува затоа што цел век била в град, чаршиска жена – пишува во најновиот број неделниот весник “ЗЕНИТ”
Ја знаат како продавачката од Багат, како ликот кој незабележително, ненаметливо на скромното тезгиче продава наочари и по некој козметички производ. Малкумина знаат дека е страстен играч на спортска прогноза. Учествува и во други игри на среќа.
Редовно пополнува и Лото. Нема ден да не пополни ливче. Вели дека тоа не е зависност, туку разонода да и’ врви времето. Иако е жена, ги знае правилата на спортското обложување. Типува на конечен резултат. А како може да не знае за натпреварите кога животот го минала во брак со фудбалер, со најголемиот спортист Каше, Методија Крстески.
Велат меракот и љубовта одат под рака, имала хармоничен брак, но и среќа во спорстките игри. Пасијата кон спортското обложување и станала секојдневие, нешто со кое се будела и легнувала сите години минати заеднички со добро познатиот лик од спортот, со фудбалерот Каше, по кого многу девојки воздивнувале заради физичкиот изглед и убавината како на глумец. И Мира, не паѓала подолу со убајната, за што сведочат и денес цртите на лицето збогатено со по некоја брчка. Страста кон обложувањето ја држи веќе 45 години и не ја напушта.
Се декларира како прилепчанка иако детството го минала во Битола каде е родена.
– Кире Гаврилоски ми е чичко, брат на татко ми Борис. Кога се зеле со мајка ми, заминале Битола. Таму сум родена и до осмо одделение живеевме таму. Завршив во ОУ ,,Кочо Рацин,,, потоа учев Економско и на 16,5 години се омажив за Каше. Беше врвен фудбалер, а јас бев дете, скоро 14 години бевме разлика. Од бракот имаме два сина, едниот работи во Опера во Скопје, другиот медицински лаборант. Во Багат бев 25 години, дури се растури Југославија. Оттогаш до сега, на улица, на тезга – се сеќава Мира.
Според неа, последнава деценија се сменил и ликот на чаршијата.
– Сега е малку е подруга. Се смени начинот на работата. Се загуби еснафот, се променија времињата, занаетчии има помалце, се создаде некоја завист кај луѓето. Се работи на друг начин, младите функционираат со побрзо темпо, нема со кого да се направи муабет. Но, уште вирее духот на чаршијата. Се дознаваат првите вести. Старите велат чаршијата е факултет, сé се дознава првин в чаршија – објаснува Крстеската.
Со обложувалниците е откако се отвориле. Знае што значи ,,кец,, ,,нула,, ,,еден во еден,, во типувањето. Заедничкиот живот со фудбалерот и ја потковал ногата со разонодата, која не ја напушта. Не открива кој тим и е омилен, фаворит. Игра по принципот кој ќе добие. Секој ден има добивка.
– Најпрвин играв со Каше. Ме научи да пополнувам ливче. Вечно. Се занимавам дури 50 години. Лесно ги научив знаците. Ги следам тимовите. Тоа ми е разонода, тоа ми е сé, башка од ангажманот кон децата, внуците и трите правнуци. Ги знам правила на играта, бидејќи пораснав со фудбалот. Растев со него и со фудбалот. Бев млада 16,5 години кога се омажив. Беше фудбалер, а потоа и тренер. Секогаш сме биле фудбалска фамилија. Помалиот син Кире Белото го интересира повеќе фудбалот. Поединечно, сама најголема добивка ми е 7 300 денари за ливче од 7 конечен резултат. Играм за 20, 30 денари во денот. Секој ден добивам, ама добивките се мали. Ако е условено ливчето, помала е добивката. Еве и денес веќе уплатив. Вечер дома, сама ги гледам резултатите на телетекс. Ми поминува времето. Играм и Лото редовно. Шестка имам добиено, ама ортачки – вели Мира.
Со љубовта на нејзиниот живот веќе 23 години се разделени. Ја напушти животниот сопатник. Смртта ги раздели, но интересот кон спортското обложување и остана. На 47 години останала вдовица.
– Дента кога почина, и тогаш имавме 6-ка на Лотото. Во болничката соба во ќесето му беше ливчето, после погребот ги подигнавме парите. Со добивка замина, додека друга несреќа ме снајде – вели Мира.
Секој ден пополнува. Не направила есап колку дава, а колку зема. Вели дека не е на зијан. Обложувањето и е забава. Не било зависност. Си прави ќеф.
– Тоа ми е корзо, тоа ми е дружење, не одам по комшии. Никаде, освен ова и фамилијата и децата. Ми се чини дека играм со пари, нивни пари, од обложувалниците, од добивките. Со законските забрани за пандемијата 2 месеци и една недела не излегував и немаше спортско обложување, па преживеав. Не сум зависна. Зависи кој колку навлегол во игрите на среќа, зошто сé може да биде зависност. Не ми е ,,краста,,, туку ми е разонода. Имам проблем со кичмата, колковите, здравјето не ми дозволува да движам, пешачам, да одам некаде, а ова е занимација со седење – вели Крстеска.
Од чаршијата на шега, многу прилепчани и’ се нудат да и бидат ортаци да ја подели среќата и знаењето со други.
– Играм со еден стар човек и тој е неситуиран. Со по 13 денари си даваме. За 26 денари на точен резултат, даваме ортачко ливче во Моцарт, системско на точен резултат. Имаме земено ортачки некој динар. Најчесто така играм – вели Крстеска.
До кога ќе игра и дали ќе се откаже некогаш од пасијата, не успеавме да ја прашаме и да ни одговори, затоа што муабетот го продолжи со муштеријата кој дојде на нејзината скромна тезга на која се протегаат неколку наочари со различна диоприја. Од трговијата го надополнува скромниот пензионерски буџет. Со тоа и со обложувањето ги тркала осаменичките денови.
Извор: “Неделник Зенит”