Прилепската болница набави нов апарат за ОЦТ – Оптичка кохерентна томографија, наменет за потребите на очната амбуланта, со што дополнително се проширува опсегот на услуги што болницата ги нуди на пациентите.
ОЦТ е современа, неинвазивна, брза и безболна дијагностичка метода, која овозможува детално снимање на ретината и другите структури во задниот сегмент на окото. Со оваа метода се овозможува рано откривање и следење на заболувања како:
-макуларна дегенерација
-дијабетична ретинопатија
-глауком
-макуларен едем
-други заболувања на ретината
Во рамки на едукацијата за техничките карактеристики на апаратот, како и за изведување и интерпретација на резултатите, болницата ја посети директорката на Универзитетската клиника за очни болести – Скопје, доц. д-р Наташа Шекеринов, која се стави на располагање и за идна соработка.
Општа болница Прилеп располага со современа офталмолошка апаратура, меѓу која ултрасонографија, периметрија, а сега и ОЦТ, со што на пациентите ќе им се овозможи навремена дијагностика и третман.
Апаратот е набавен со сопствени средства во износ од 4.700.000 денари. Со ова, пациентите повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови или во приватни болници за оваа услуга.




























