По четири одиграни кола во Втората фудбалска лига, прилепските екипи на Победа и Големо Коњари се на самото дно на табелата. Победа досега се избори само за бод, а Големо Коњари е без освоени бодови, со гол разлика 2-22.
Викендов Победа го дочека Охрид, и иако поведоа со 2:0 со головите на Андреј Петрески во 9. и на Давид Дебрешлиоски во 13. минута, црвено-белите одново беа поразени.
Охрид стигна до голем пресврт на стадионот “Гоце Делчев” во Прилеп. Во првиот дел охриѓани намалија на 2:1, а пресвртот го најавија со израмнување во 76. минута, за 6 минути пред крајот на регуларните 90 минути, Иван Глигоров ги постави конечните 2:3.
Големо Коњари пак викендов гостуваше кај Шкенија од Арачиново, каде екипата од прилепско одново беше високо поразена со 4:0.
Во наредното коло Победа гостува кај Скопје, а Големо Коњари ќе се надева на бодови против Осогово на домашен терен.