Тимот на најпознатата Фејсбук група “Патувања низ Македонијa” на одличен начин ја опишаа долгогодишната карневалска традиција во Прилеп и значењето на традиционалната маска Прилепски мечкари.
Текстот во продолжение е на Ангела Ризовска:
Прочка се празнува низ цела Македонија. Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Како дел од таа традиција е и заедничката вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата (На урка за предење волна се закачува конец и на него јајцето и на децата им се амка јајцето пред устињата за да го фатат), што претставува детска радост и добро расположение.
А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.
Во Прилеп кај нас, уште од рано сабајлето се преправаат дечињата кој во народни носии, кои во други интересни маски и одат кај своите баби и дедовци и роднини, со што бабите им даваат по едно бело јајце и паричка за среќа.
Карневалот во Прилеп е долгогодишна традиција низ прилепските улици, и е доста успешен и прилично посетен. Обично е организиран во неколку дена со најразлични интересни маски, претстави, а она што е најважно тие неколку дена е радоста на најмалите. Да не ги заборавиме и мечкарите без кои карневалот и самиот празник не би имал смисла.
Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место.
Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка.
Ви препорачувам да го посетите карневалот во Прилеп, да ја видите нашата традиција и да си поминете незаборавно со многу шеги и убава прилепска скара. Па, кај нас викаат: Простете ако сум ви згрешил/а, и вас нека ви е простено и од мене и од Бога! За многу години и нека трае вечно убавата традиција!