Со прекрасен концерт на групата „Некст Тајм“ Општина Илинден на свечен начин го одбележа патрониот празник „Илинден 2-ри Август““ и националниот празник на македонскиот народ.
Централната манифестација од одбележувањето на Денот на Општината се одржа во прекрасниот амбиент во амфитеатарот на паркот „Галерија на отворено“, пред Домот на култура „Илинден“, каде голем број граѓани уживаа во преработките на старите македонски песни „Слушам кај шумат шумите“, „Ја излези Ѓурѓо“, „Нешто ќе те питам бабо“…
На почетокот на свеченоста најнапред со честитки за Денот на Општината и националниот празник на македонскиот народ, на присутните им се обрати градоначалникот Жика Стојановски, кој најави многу нови проекти во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Општина Илинден.
Во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“ пред почетокот на манифестацијата се одржа и свечена седница на Советот на Општина Илинден.
Во рамките на одбележувањето на Денот на Општината и националниот празник на македонскиот народ и годинава се одржа традиционалниот Спортски викенд „Илинден 2019“, на кој учествуваа над 700 спортисти, кои се натпреваруваа во повеќе спортски дисциплини: велосипедизам, шах, атлетика-трчање, баскет, тенис и фудбал.
Централен настан беше традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. На трката настапија 70-на велосипедисти од земјата и од странство кои се натпреваруваа во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13.
Покровителот на оваа традиционална манифестација, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци им додели соодветни награди, маици, пехари и медали.
Дел од одбележувањето на патрониот празник беше и традиционалната крводарителска акција во која 45 крводарители ја даруваа драгоцената течност што живот значи, како и отворањето на изложба на Снежана Колевска.