Денеска во Општина Прилеп пристигна донацијата од збратимениот град Дејанг, од кинеската провинција Си Чуан, која се состои од 200 заштитни одела, како поддршка на Народна Република Кина за Прилеп во справувањето со пандемиjaта на KOBИД-19.
Заблагодарувајќи се на донацијата, градоначалникот Јованоски потенцираше дека заштитните одела, односно скафандерите, ќе бидат од голема важност пред се’ за медицинскиот персонал од здравствените установи во градот.
Истовремено, Јованоски изрази надеж дека после завршувањето на пандемијата, ќе се интензивира соработката помеѓу Прилеп и Дејанг, првенствено на економски план.
Донацијата беше дадена во четвртокот на церемонијата во Амбасадата на Република Македонија во Кина. На церемонијата присустуваше конзулот Весна Андреевска и претставникот на градот Дејанг во Пекинг, Џао Ке.
-Од почетокот на избивањето на епидемијата, ние сме заедно со вас во справувањето со кризата и надминувањето на тешкотиите во вашите напори да ја победите пандемијата. Во изминатите неколку недели, вирусот се шири брзо и масовно во повеќе земји во светот. Дознавме дека во моментов се шири и во Северна Македонија, исто така, што ве става во клучна улога во борбата против него. Ние сме со вас. Вирусот ги урна сите граници, но љубовта ќе преовлада во светот. Во овие тешки времиња, од името на локалната Влада на Дјанг и на четирите милиони жители ви испраќаме поддршка на вас и вашиот народ. Ние обезбедивме дел од потребните материјали за донација за нашите пријатели во Прилеп, придонесувајќи во вашата борба против пандемијата. Во овој момент ние цврсто стоиме заедно со вас и вашите напори да се справите со ситуацијата, се наведува во писмото на градоначалникот на Дејанг, Хе Ли.
Општина Прилеп се збратими со 4-милионскиот кинески град Дејанг во 2013 година. Тогашниот градоначалник Марјан Ристески летото во 2013 година беше и во посета на Дејанг, а претставници од Кина во октомври истата година дојдоа во посета на општина Прилеп.
Ако се има во предвид фактот дека збратимениот со Прилеп, Дејанг има четири милиони жители, двапати повеќе од Македонија, а провинцијата Ченг Ду преставува огромен пазар и економски потенцијал, редно време е сегашните општински власти да размислат како да го искористат тоа и да направат нешто повеќе за Прилеп.