„На 17 август пред зградата на Министерството за образование и наука ќе биде одржана прес конференција на која јавно ќе ги искажеме барањата на Независниот синдикат за образование и наука. Сакаме да ја поздравиме одлуката на Владата и МТСП за зголемување на платите на вработените во детските градинки. Но, во исто време, не можеме, а да не прашаме: што се случува со платите на просветните работници?“, се вели во соопштението на овој Синдикат.
Се додава дека веќе подолг временски период просветните работници се потпросечно платени, односно почетната плата на наставниците е длабоко под републичкиот просек.
„Ваквата состојба ги турна наставниците на маргините на егзистенцијата, а потенцијалните идни наставници ги оттурнува далеку од наставничките факултети.
Сметаме дека време е овој децениски проблем, кој од година во година сѐ повеќе се продлабочува, да почне да се решава. Најавените 5% покачување на платите не се доволни ниту за порамнување со зголемените трошоци кои со нашите плати одвај ги покриваме. Од тие причини, Независниот синдикат за образование и наука, бара од Владата и од Министерството за образование и наука да имплементраат покачување соодветно на покачувањето на плата извршено во детските градинки уште во јуни, и тоа почнувајќи од овој месец“, стои во соопштението.