Независниот полициски синдикат на протест во Битола – “Не прифаќаме извинување, за заканите кон полицијата треба да се одреди притвор”

Полициските службеници денеска одржаа мирен протестен марш во Битола, во организација на Независниот полициски синдикат. Маршот започна од објектот на ОЈО Битола и заврши на плоштадот „Магнолија“, со цел да се изрази незадоволство од, како што велат, селективната примена на законот и непостоењето мерка притвор за лица кои упатуваат закани по животот на полициски службеници.

Протестот беше реакција на последниот случај на сериозни закани кон полицијата, за кои синдикатот смета дека мора да бидат третирани со целосна законска строгост. Според нив, извинувањето не може да се смета за доволна санкција, туку ваквите дела мора да резултираат со кривична постапка и мерка притвор.

„Секоја закана и секој напад врз полициски службеник мора да се гледа како напад врз државата. Доколку ваквите девијантни појави се толерираат, утре истото ќе се повтори и врз други категории – работници, судии, обвинители, новинари“, изјави Мартин Ефремов, претседател на Независниот полициски синдикат.

Тој потсети на случај од пред две години во Прилеп, кога за закани кон обвинител веднаш била изречена мерка притвор и започната кривична постапка, посочувајќи дека законот мора да биде ист за сите.

Како дел од барањата, синдикатот апелира до државата да работи на засилена превенција и заострување на казните предвидени во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, особено во делот на навреда и омаловажување на државни службеници и институции. Според нив, актуелните казни од 50 евра се несоодветни и не делуваат одвраќачки.

„Бараме враќање на претходните казни од 1.000 евра за навреда и омаловажување на државен службеник и државен орган, бидејќи сегашните казни не ја штитат ниту институцијата, ниту службениците кои секојдневно ја извршуваат својата должност“, истакна Ефремов.

Протестот помина мирно, без инциденти, а од Независниот полициски синдикат најавија дека ќе продолжат со институционална борба доколку нивните барања не бидат сериозно разгледани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.