Една година музичко-танцови спектакли, една година многу гостувања на познати музички ѕвезди од поширокиот регион, една година уникатно доживување и забава. На начин како што само тие знаат, „Голд Фелициа“ минатиот викенд со роденденско кабаре прослави една година од отворањето.
Водејќи ја присутната публика низ музички жанрови од разни земји, 4 часа од роденденското кабаре беа исполнети со забава и уживање, единствено во Македонија.
Публиката ја воодушевија и разновидноста и гламурот на самите костими изработени за танчерите, но и за пејачите, кои беа во совршена согласност со стилот на музика, изработени до најситен детал и висок кабаретски стил од рацете на модниот дизајнер Андреј Папаз.
Танчерите во кабарето настапуваат по кореографија на Илија Карадакоски, додека изведувачи и пејачи на шоуто се Димитар Андоновски, Александар Тарабунов, Жарко Димоски, Бојан Стојков, Калина Велкова, Лаура Крлиу, Полина Тасева, Христина Јовановска и Никола Пројчевски.
Златната приказна на „Голд Фелициа“, замислена на сопственикот Никола Митровски како кабаре, ресторан заедно со сместувачки капацитети, стана местото на префинети задоволства обвиени со кабаретски стил, зачинети со џентлменски манири и сервирани со многу музика, танц, глума, епицентар на кабаре. Многу познати имиња, реномирани уметници, наградувани артисти, фантастична енергија за која оној кој ја почувствувал зборува уште многу, многу долго.
„144 кабаре претстави и 42 професионални македонски уметници кои настапуваат секој викенд, над 40 концерти со најдобрите од Македонија и Балканот и многу гости кои во оваа измината година ги испраќаме со позитивна енергија и насмеани лица.
Ви благодарам на сите за поддршката продолжуваме со уште поголема енергија за работа и уште многу заеднички и убави моменти. Среќен роденден Фелиција и да славиме уште многу јубилеи заедно“, рече уметничкиот директор Димитар Андоновски.
Но, вистинско воодушевување кај присутните синоќа предизвика роденденското изненадување – омажот кон богатата македонска историја и традиција, сето тоа замислено низ кабаретска призма и призвук, која му даде посебна магија на вечерта.
Започна со македонско оро, македонска песна, за да кулминира со влезот на Битолската коњаница кои на коњите со факели во рацете поминаа низ присутните.
Автор: Маја Богоевска