“НЕ ДАВАЈТЕ ИМ МИЛОСТИНА!” – Koлумна на Протоереј Љупче Петрески

Мало, неуредно, запуштено, голо, босо, со темен тен, осамено или во придружба на возрасна женска личност, главно од ромска националност, е општата стереотипна слика за дете кое проси.

Прилепската чаршија, пазарот, рестораните и кафетериите со летни градини, пред поголемите маркети, дворовите од црковните храмови во неделните и празничните денови, се местата каде што десетици деца, надевајќи се на милостина од прилепчани, се обидуваат да го извадат парчето леб. Верувам дека истата слика е и во другите градови.

Преку денот, а особено во вечерните часови, тие се редовни „посетители“ по масите во летните „бавчи“ од рестораните, слаткарниците и кафетериите во Прилеп. Просат од гостите кои очигледно не сакаат да бидат вознемирувани, па келнерите ги забркуваат овие јадни души. Мнозина од гостите и не обрнуваат внимание на молењето од овие деца. Некои ќе ги „измаршираат“ а некои, едноставно, ќе ја свртат главата на друга страна.

Повеќето од питачите се и бездомници, најчесто, без работа, и покрив над главата. Често во секојдневната битка за милостина се користат и бебиња во прегратка преку кои питачите сакаат да предизвикаат сожалување кај минувачите за тие веднаш да се фатат за паричникот.

Се сеќавам, не така одамна, на едно дете, кое го покажуваше половиот орган и огромното „бабуле“, (имаше „кила“, како што вели нашиот народ) и трчаше по луѓето, така разголено, се додека не му дадеш паричка.

Сведоците на секојдневните слики од просење по улиците, со различни очи гледаат на проблемот. На некои им пречат, но претпоставувам, мнозинството им даваат милостина, штом нивниот број се зголемува.

Тешко е со „ладна глава“ да се зборува за луѓе кои се принудени за својата егзистенција да се снаоѓаат со просење, особено ако главните актери се деца, како во случајов.

Едно од прашањата кои овој проблем ги изнедрува е: Дали давајќи им милостина на овие деца правиме добро дело, односно дело на милосрдие?

Во духот на христијанството, па и на другите религии, треба да им се помага на сиромашните и бедните. Милосрдието е дадено од Бога како заповед на љубовта. Тоа е нешто најголемо, бидејќи тоа значи дека љубиш. Царица на доблестите е милосрдието, кое како најдобар застапник, брзо ги отвора небесата за милостивите. За пример ќе пренесам само еден краток дел од „Учењето на Дванаесетте Апостоли“ наречено „Дидахи“, чиј постанок се датира во првиот век (60-80 год.) по Христа од ученик на Апостолите, каде се вели:

5. „На секој што ќе побара нешто од тебе, дај му и не барај (назад). Зашто Отецот сака на сите да им дадеш од своите дарови. Блажен е оној кој дава, според заповедите, зашто тој е невин.“
Но веќе во следната реченица, која е клучна за нас и за разбираењто на овој проблем, се вели:

6. Но и за ова (давање) е речено: „Нека се испоти милостината во твоите раце, додека не познаеш кому ќе ја дадеш“.

Ова се зборовите кои треба секогаш да ги имаме на ум кога имаме ниет да дадеме милостина. Не секому треба да даваме милостина. Некогаш мислејќи дека помагаме, ние, всушност, одмагаме. Така е и со овие наши прилепски дечиња. Доколку им даваме милостина тие никогаш нема да се вклучат во образовниот процес, нема да ги остварат своите сништа да бидат занаетчии, полицајци, педагози … и никогаш нема да почнат да работат. Нема да се „оттргнат“ од своите нефункционални семејства на кои со генерации просењето им е единствениот занает. Ним секогаш ќе им биде полесно да очекуваат друг да им ја „зготви вечерата“. Со давањето милостина на овие деца ние само го стимулираме просењето.

Треба да знаеме дека многу од овие дечиња се принудени да просат од нивните родители, старатели и најблиски. Често преку физичко насилство им е наметната обврската да просат, односно да заработуваат место нив и тоа, вообичаено, се родители со низок морал, најчесто алкохоличари, зависници од дрога или криминалци. Има и такви родители кои за одредена сума ги „рентаат“ своите деца, па тие кутри души потоа се приморани да просат за газдата кој ги „изнајмил“.

Овие се неколку причини зошто не треба да им се дава милостина, бидејќи испросените пари кога ќе ги дадат на оној кој ги испратил да просат, и ги поттикнува на повторно просење.

А доколку немаат успех при просењето, и се враќаат кај своите „работодавци“ со празни раце, тоа ќе предизвика малодушност, обесхрабрување и, во најдобар случај, поттик да почнат да размислуваат во друг „правец“, за кој се надевам дека ќе биде спротивен од малолетничката деликвенција. Со нашата пасивност, пред сѐ во однос на милостината, ние нема да го решиме проблемот, но ќе помогнеме.

Впрочем, не сме ние, граѓаните, тие кои треба да бидеме примарните активисти, туку надлежните државни институции и, на пример, невладините организации, доколку не се презафатени со исполнување на владини, домашни и странски задачи. Јас не сум стручен во оваа област и не сум тој што треба да најде решение за овој проблем, но факт е дека на овие деца треба да им се понудат и други модели на живот и однесување, а нивното вклучување во образовниот систем и комуникацијата со децата кои се во тој процес, мислам дека би требало да биде првиот чекор.

Треба да е јасно дека овие деца, на кои мнозина гледаат како на престапници, всушност се жртви, односно најголеми жртви на опшествената негрижа кон нив. Повеќето од нив се „невидливи“ за државата затоа што се надвор од системот, бидејќи немаат здравствена заштита и не одат на училиште.

Мнозина луѓе, за оваа појава ја обвинуваат државата или политичарите, за тоа што овие деца се на маргините на општеството и на работ на егзистенцијата. Веројатнои со право. Знаеме дека постојат закони за ваквите проблеми, знаеме дека сите деца, без исклучок, заслужуваат дом, пристап до здравствени услуги, вклученост во образовниот процес, пристап до здравствени услуги и сé што се подразбира под детски права според Конвенцијата за заштита на правата на децата, но, исто така гледаме и дека многу малку од сето тоа се почитува.

Не ми е намерата да го посочувам конкретниот виновник за овој проблем, а ги има неколку, почнувајќи од несовесните родители, но, сепак, државата и надлежните институции сносат најголема одговорност. Мојот интерес за овој проблем, „откри“ дека институциите не „спиеле на уши“, но „дремеле“. Имено, преземани се активности за решавање на овој проблем, но фактот дека бројот на овие деца од улицата се зголемува, говори дека активностите не вродиле со плод.

Претпоставувам дека е потребна некаква координирана акција на повеќе институции за да се допре до с’ржта на овој проблем. Ние, граѓаните, немаме овластувања и не можеме да го решиме проблемот, туку само да помогнеме, во случајов, со тоа што „ќе ја испотиме раката“ пред да им дадеме милостина на овие деца, кои, сакале тие или не, претставуваат огледало на градот и индикатор дека нешто е гнило во општеството.

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.