Најчевска: “Се надевам дека ќе го видам Богоевски на некои идни избори и ќе гласам за него”

Професорката Мирјана Најчевска во својата колумна напиша за оставката на пратеникот Павле Богоевски, дека постапил правилно што поднел оставка и дека така постапуваат пратениците со образ и со совест.
Најчевска напиша дека оставката на пратеникот Павле Богоевски е исправна и дека според неа ова е само почеток на градењето на вистински, одговорен политичар, кој со годините ќе созрее и ќе научи врз основа на сопствените и врз основа грешките на другите.

Постапи исправно. Така се постапува во демократските држави. Така постапуваат пратениците со образ и со совест и со два грама мозок.

Постои сомнение кое ја нагризува довербата на оние кои те избрале. И тоа е доволно. Немој да те залажуваат дека е ова некакво херојско дело и дека си ти херојот на нашето време. Не.

Ова е нормална постапка во една ненормална држава во која се е превртено наопаку. Ненормално е тоа што пратеници и високи функционери во власта за кои постои сомнение за вмешаност во криминални дејствија, за непотизам, за измами со патни трошоци, за лажно прикажување на трошоци, за недомаќинско трошење на парите на граѓаните, да не сносат одговорност и да не поднесат оставки. Ненормално е во Собранието да седат осудени криминалци. Ненормално е во Собранието да седат осомничени криминалци.

Твојата постапка е нормална.
Не е точно дека е ова крај на твојата политичка кариера. Напротив. Според мене ова е само почеток на градењето на вистински, одговорен политичар кој со годините ќе созрее и ќе научи врз основа на сопствените и врз основа грешките на другите. Така се градат политичарите. Со стекнување искуство. Не искуство на крадење и мамење и изигрување на законите и злоупотреба на позицијата. Туку искуство на одговорно однесување, соодветна процена на ситуациите, комуникација со луѓе, слушање и кумулација на сознанија. Искуство кое ќе те научи дека кога политичар ќе направи грешка тој не изнаоѓа оправдувања и изговори туку едноставно ја препознава и признава грешката и ги сноси последиците.

Најлошо нешто што во моментов може да ти се случи е да ти понудат и да прифатиш некоја висока функција со која ќе се минимизира или заташка направената грешка. Затоа што грешка е направена и треба да се сносат последиците. Во случајов, доколку станува збор за набавка на марихуана за медицинска потреба, тоа треба да бидат морални и политички последици. Соодветни на направената грешка.

Во спротивно, ќе влезеш во затворениот круг на неказнивост кој оневозможува разликување добро од лошо и во кој може да се најде оправдување за секоја постапка.
Јас се надевам дека ќе го видам твоето име на некои идни избори. И со верба ќе гласам за тебе.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.