Најстарата населба во Прилеп го празнува Голем Петок: За многу години!

Денес православните христијани го празнуваат големиот верски празник Голем или Источен петок, односно Балаклија.

Оваа година поради пандемијата со кopoнавиpycoт ќе изостане масовноста во најстарата прилепската населба Варош и манастирот Св. Архангел Михаил, но варошани сигурно во нивните домови со своите семејства ќе си прослават како што доликува.

Инаку празнувањето на Голем Петок е вековна традиција која започнува со литургија во утринските часови во манастирската црква, каде огромен број верници доаѓаат, ќе се помолат и ќе нацрпат од изворските води на манастирот, за кои се верува дека се лековити.

Варошани своите куќи на овој ден ги украсуваат со зелени гранчиња и чекаат гости.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.

Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.

На сите граѓани, а посебно на варошани им го честитаме празникот, со желби до година да пречекаат голем број гости.

За многу години!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.