НАЈПОСЛЕ ПАДНА ДОГОВОР: Италија добива нова влада после 90 дена од изборите

Карло Котарели го врати денеска мандатот на претседателот на Италија Серџо Матарели, додека истовремено лидерите на движењето “Пет ѕвезди” и Лигата, Луиџи Ди Мајо и Матео Салвини постигнаа договор за формирање на нова влада на чело со професорот по право Џузепе Конте.

“Движењето пет ѕвезди и Лигата постигнаа договор за политичка влада на чело со Џузепе Конте како премиер”, наведоа Салвини и Ди Мајо во заедничката изјава.

Претседателот Серџо Матарела сега ќе мора да го даде новиот мандат на Конте и да ги одобри сите членови на кабинетот.

 

Медиумите пренесуваат дека новата италијанска влада може да биде избрана веќе утре, 89 дена после одржувањето на парламентарните избори.

Разговорите на лидерите од крајната десничарска Лига и Движењето пет ѕвезди, ориентирани против естаблишментот, беа фокусирани на изборот на нов министер за економија, бидејќи Матарела претходно ја одби предложената коалиција во која тоа место требаше да му припадне на евроскептикот Паоло Савони.

Извори запознати со ситуацијата велат дека иден министер за економија би можел да биде професорот по економија на “Тор Вергата” универзитетот, Џовани Трија.

Савони би го добил ресорот за европски работи, а Енцо Моаверо Миланези би бил министер за надворешни работи.

Ројтерс пишува дека министерството за индустрија би му припаднало на Ди Мајо, додека Салвини ќе биде министер за внатрешни работи.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.