Нема нови пациенти од коронавирус, а денеска е испишана и првата примена пациентка во сосема добра клиничка состојба, а контролата на белите дробови покажа дека нема големи последици и може да се упати на домашно лекување, ова денеска преку прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче.
-Непроменета е состојбата на сите 18 други пациенти од кои 13 се на клиниката за инфективни болести, непроменета е и состојбата на пациентката која што е на респираторна машина и е во стабилна состојба. Добра е клиничката слика на пациентите од Дебар, рече Филипче.
Тој додава дека детално ќе се испитуваат сите сомнителни случаи во Дебар.
-Во овој момент се тестираат 7 пациенти, а три се лица од Дебар, додека двајца се од Штип и двајца кои патувале во Австрија и Германија.