Македонските земјоделци исправени пред нов предизвик. Предлог-законот за масовна распродажба на државното земјоделско земјиште, по багателни цени од 0,5 до едно евро за квадрат, со отворена можност за негова пренамена, ги фрла во нов очај. Стравуваат дека државата ќе го дотепа и онака осиромашениот земјоделец, особено оној кој нема своја земја – објави “АЛФА ТВ”
„Сметаме дека не треба да се распродава, туку дека треба да се изврши прераспределба на тоа земјиште. Имаме земјоделци кои што се земјоделци без квадрат земја, кубурат со земја, не можат да се снајдат. Можеби е најдобро таа земја да се подели под концесија, под кирија, долгорочно на оние земјодлеци кои што не се стигнати да речеме до некој минимум од 30 декари, три хектари земја. Значи, да не се оди на продажба затоа што ако се продаде, таа ќе биде трајно продадена, оттуѓена, а вака ќе имаат можност, сепак поголем број на луѓе да дојдат до каква-таква егзистенција“, – ни изјави за Алфа, Васко Јосифовски, земјоделец.
Спротивно на ова, од прилепската ПЕ на Министерството за земјоделство, сметаат дека со овој Закон ниту еден земјоделец немало да биде оштетен, иако, според Зоран Пачешкоски, сега било се уште рано за да се коментира, бидејќи Законот се уште не бил донесен, а дебатата – отворена.
„Во секој случај, јас мислам, мое мислење е дека земјоделците нема да бидат оштетени во никој случај, бидејќи идат земјодлеци кои што сакаат и да си го откупат земјиштето. И ќе се работи, како што имам информации, за поголеми површини, за многу големи површини, тие што си ги работат земјоделците од хектар, два, три, четири, пет, шест…“ – посочува Зоран Пачешкоски, раководител на ПЕ на МЗШВ во Прилеп.
Во земјава има околу 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште кое треба да биде ставено на продажба по ниски цени и кое дури ќе може да биде пренаменето во градежно, или да се дава под концесија за експлоатација на минерални суровини, или за геолошки истражувања. Според експертите, ова би можело да биде погубно за една земјоделска држава како што е Македонија, бидејќи за сметка на производството на храна во време на крајно неповолни климатски промени, Владата наместо да воведува Агро-стратешки програми, таа го распродава земјиштето по багателни цени, со реални шанси да пропаднат и голем број мали, семејни земјоделски стопанства.
Инаку, во моментов, во РМ, на сила е Законот од 2013, со кој се продадени околу 280 хектари земјоделско земјиште, а врз кое има оранжерии и разни помошни објекти.
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”