Ракометарите на РК Прилеп минатата недела ги стартуваа подготовките за претстојната сезона 2024/25 на чело со тренерот Божидар Мојсов и стручниот штаб на клубот.
Клубот ги продолжи договорите со неколкумина свои првотимци, а нови имиња се бекот Никола Јеремиќ, голманот Стефан Христоски, кој се враќа во клубот по престојот во белградски Партизан, бекот Божидар Илиески, кој дојде од редовите на Мулти Есенс и Александар Тренчевски, кој пак во Прилеп се враќа по престојот во Финска.
Професионален договор потпиша и Филип Адамчески, еден од најдобрите поединци во младинската школа на РК Прилеп.
Нов капитен на тимот е Христи Бикоски, левото крило на РК Прилеп кој минатата сезона беше еден од најдобрите стрелци и чии погодоци често беа клучни за бодови.
Пред Бикоски е огромна одговорност, пред се’ затоа што на оваа позиција треба да го замени Филип Велески – столбот на одбраната на РК Прилеп, кој на крајот од минатата сезона стави крај на играчката кариера.
– Мотивирани, полни со елан и ентузијазам стартуваме и оваа сезона со амбиции за добра позиција во Супер лигата.
Подготовките во наредниот период ќе се одвиваат во рамките на нашиот град – напишаа од клубот на социјалните мрежи.
Да им посакаме среќа во новата натпреварувачка сезона и подобар пласман.