За неколку недели се очекува да започне реконструкцијата на патот Галичани-Кадино Село-Боротино, со кој Општина Прилеп се поврзува со Општина Кривогаштани. Рехабилитацијата на овој патен правец ќе биде од огромно значење за жителите кои гравитираат околу овој регион.
„Реконструкцијата на патот Галичани-Кадино Село-Боротино е само еден од проектите кои ќе се реализираат наскоро во нашата Општина. Планирана е исто така и реконструкција, рехабилитација, и осветлување на влезот во Прилеп од страната на Македонски Брод и Кичево. Оваа реконструкција доаѓа после рехабилитацијата на двата влеза во Прилеп, оној од патот за Скопје, и другиот влез од патот за Битола. Исто така локалната самоуправа заедно со Јавното претпријатие за државни патишта работи на проект за реконструкција и рехабилитација на влезот од страната на Крушево. Тоа е улицата „Леце Котески“, која поминува покрај големиот број на фабрики, како Витаминка, Леов, Васидора и други. Ќе се реконструира и улицата „Александар Македонски“ на потегот од крстосницата Чумовчани до салонот за мебел Анита кој се наоѓа после фабриката „11 Октомври“. Овој пат ќе биде рехабилитиран по завршувањето на поставувањето на новата канализациона мрежа, поради што и е оставен во оваа состојба во која се наоѓа сега, а истото се однесува и на влезот од Крушево“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Со изработувањето на експресниот пат Прилеп-Градско планирано е и да се изгради трета лента на патот од Ленишки мост до влезот во Прилеп, каде се планира изградба на голема клучка за влез и излез од градот и продолжување на регионалниот пат кон Битола.