Во Прилеп денеска се одржа 22 седница на Економскиот совет на општината која што е и последна седница за оваа година. На неа беше дискутирано околу тековните активности кои се случија во 2016-та година, инвестициите кои се направија во сите области : економијата, инфраструктурата, економијата, спортот, образованието и културата, а беа предложени проекти и за наредната 2017 година кои се од капитално значење за градот Прилеп.
„Една од побитните точки кои се разгледуваа на оваа седница беа новите објави за продажба на земјиште, бидејќи со самиот изборен процес се стопираше оваа активност. Сега со завршувањето на изборниот процес продолжуваме со нови објави и тоа за изградба на парцели за индивидуални куќи, тоа се околу 20 парцели во населбата „Градина“, каде се гради и инфраструктурата за оваа населба и исто така ќе се дадат на продажба 5 парцели во индустриската зона Прилеп 2, наменети за мали и средни претпријатија. Продажбата значи започнува веднаш по завршувањето на изборниот процес и штом ќе стигне дописот од Антикорупциска комисија дека можеме да продаваме. Инаку моментално огромна е заинтересираноста за купување на овие парцели. Донесен е исто така и Деталниот план во кој е предвидено на стариот пат за Битола продажба на уште 10-тина нови парцели, со големина од 3.000 до 30.000 м2, наменети за фабрики и погони од лесната и незагадувачка индустрија. Исто така е дискутирано за продажба на објекти кои се во сопственост на општината, а се атрактивни за развој на приватниот сектор. Тоа се делови од урбаните заедници, оној комерцијален дел на месните заедници кој остана непродаден и уште неколку други објекти во неколку населени места кои се доста атрактиви“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
На седницата се дискутираше исто така и за инфраструктурните проекти како што е патот Прилеп-Градско, пречистителната станица, новите канализациони системи, асфалтирањето на улиците и локалните патишта, гасификацијата, изградбата на нови спортски сали и нови спортски објекти во градот.
„Ќе се дадат на продажба и 4 парцели за изградба на згради, со стамбен и деловен простор, во кругот на касарната, тие влегоа во опфатот на ГУП-от и кои можат да бидат понудени на заинтересирани инвеститори. Исто така во 2017 година ќе влезе за продажба и едно од најатрактивните земјишта, а тоа е просторот на старата општинска зграда каде што имаме околу 7.000 м2 за продажба. Досега се изработуваа Генералниот и Деталните урбанистички планови, се преговараше со министерствата за нивно дислоцирање. Што значи со почетокот на наредната година и оваа атрактивна локација во центарот на градот може да биде продадена. Со ова министерствата ќе добијат реконструирани канцеларии, а потенцијалните инвеститори кои ги има доста ќе треба да учествуваат на електронската аукција за оваа парцела“, додаде Ристески.
На седницата се донесе и одлука од наредната година да се доделува и награда за општествено одговорна компанија на ниво на општина Прилеп која што во текот на годината ќе направела најголем број на општествено одговорни активности.