Намален бројот на пријави за семејно насилство во Прилеп – Центарот за социјални работи ги охрабрува жртвите да покренуваат постапки

Општина Прилеп и оваа година се приклучи во поддршка на 16 дена активизам против родово базирано насилство и насилството врз жените и девојчињата

Годинешната кампања се одржува под слоганот “Обединето: Инвестирајте за да се спречи насилството врз жените и девојчињата”. На денешната работилница свој допринос дадоа: Александра Димова, Претседателка на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп која беше и модератор на работилницата, Гордана Велјаноска – педагог од Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп, Александра Димитриоска – помлад инспектор по општ криминалитет, ОВР – Полициска станица Прилеп и Горан Илиоски – правен советник од ЕХО невладина организација.

Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп се залага за подигање на свеста, учествува во дебати, трибини и работилници, се мобилизираат граѓани со ист проблем и секогаш стоиме на располагање на институциите за поддршка и помош“, изјави Александра Димова, Претседателка на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп.

Гордана Велјаноска која е педагог од Меѓуопштински центар за социјални работи во Прилеп истакнува дека се повеќе жени или девојчиња се охрабриле да го пријават случајот во полиција и оваа година има помал број на пријави во споредба од лани.

„Во 2023 година се пријавени 89 пријави за жртви на семејно насилство. Во 2022 година вкупно се пријавени 140, а во 2021 вкупно се пријавени 150 пријави за жртви на семејно насилство и како што можеме да забележиме имаме пад во пријавите”, посочува Велјаноска според статистиката на Меѓуопштински центар за социјални работи во Прилеп.

Денешниот настан е помогнат од ЕУ/Совет на Европа, Ромактед програмата – втора фаза и Општина Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.