Над 70.000 евра штета од демолирањето на арената „Филип Втори“

Над 70 илјади евра изнесува штетата од демолирањето на Националната арена „Филип Втори Македонски“  по натпреварот помеѓу фудбалските клубови „Шкендија“ и Работнички“, информира денеска директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на државата  Цветко Грозданов, пренесува МИА.

 

iskrsena-arena-filip-vtori

Во демолирањето што се случи од навивачи на „Шкендија“, дојде откако тој фудбалски клуб го освои националниот куп, се уништени над 300 столчиња,огромен дел од тартанот, кој поради оштетувањето веќе не е во употреба,гардероба, тоалети, тавани, дел од инсталациите.

Грозданов оцени дека хулиганството е  голема дамка  во историјата на македонскиот фудбал и апелира до организаторот, Фудабалската федерација на Македонија (ФФМ), и до учесниците на натпреварите, да не се повторуваат вакви случувања, а од медиумите поддршка, за, како што рече,  стопирање на хулиганството кај дел од навивачките групи со што се уништува државен имот.

– До ФФМ доставивме официјална претставка со укажување и разгледување на можноста дека на одредени фудбалски клубови кои ќе се однесуваат недолично и нивните навивачки групи ќе го оштетуваат државниот имот нема да им дозволиме да играат на арената „Филип Втори“.  Затоа апелирам до управите на клубовите да поведат сметка  во контролирање на нивните навивачки групи, рече Грозданов.

Врз основа на снимките од безбедносните камери,  укажа, ФФМ треба да покрене обвиненија против поединци за нанесување материјална штета на државен имот. Побарано е комесарот за безбедност да преземе поголема и посоодветна мерка на претпазливост при внесување распрскувачки материјали. На натпреварот, наведе Грозданов,  е дозволено да се внесат над 500 парчиња пиротехнички материјали кои се фрлени на теренот.

Грозданов побара ангажман на полицијата, како што рече, до празнење на арената по натпреварите и најави дека ќе иницираат законско зголемување на казните  за да се спречи уништување државен имот на натпреварите.

– Го повикувам министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  во иднина да преземе мерки полицијата да остане не само до свирежот на судијата туку до завршување и празнење на арената за да се напушти безбедно, рече Грозданов.

Натпреварот за националниот куп, посочи, ќе изгледаше величенствено доколку играчите беа поздравени и наградени, а не  навивачката група да се симне на теренот и да го уништи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.