Државниот пазарен инспекторат казни три фирми од Скопје и една Куманово поради продажба на леб по цена поскапа од 33 денари.
Александра Котели од ДПИ вечерва соопшти дека контроли биле извршени на десетици локации во секој град од државата, пришто биле воочени непочитувања на одлуката за замрзнувањето на цената на лебот.
„Направени се записници и изречени се парични казни од над 300.000 денари. Казните се многу високи, согласно законот за трговија, па и законот за заштита на потрошувачите, се движат од 500 до 10 000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра за одговорното лице“, изјави Котели.
Рече дека лебот е производ кој е неопходен во секојдневниот живот на граѓаните, па затоа апелираат на почитување на одлуката за цените.
Државниот пазарен инспекторат претходно денес образложи дека примарна цел на одлуката е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран, нагласија од пазарната инспекција.