И оваа година како минатата, традиционално по втор пат се отслужи Божествена Воскресна Литургија во храмот на Св. Маченица Петка Римјанка во Прилеп.
Во храмот посветен на преподобната наша мајка Света Петка Прилеп во кој зедоа учество, влегоа и нас останатите возрасни ни го донесоа духовниот Рај, Царството Небесно овде на земјата повеќе од 250 младенци (деца) со нивните гласни молитви, кои со сиот свој глас викаа : Христос Воскресна, Навистина Воскресна – пишува на својот ФБ, чтец Андреј Иваноски.
-Солзи радосни се покажаа кај секого од нас и никој не остана рамнодушен на таквата глетка. Свештеникот кога застана пред нив и им го проповедаше словото за воскресението на нашиот Господ и Спасител, младенците со големо внимание го слушаа и учествуваа, духовно јадејќи од спасоносното слово. По втор пат во нашиот град се случи оваа торжествена тајна, на Царството Небесно преку молитвите на децата, Господ да благослови сите да го почувствуваме делчето од духовниот Рај, нашата вечна татковина. И на крајот се причестија сите над 250 деца. Овој настан е пример за тоа како црквата внимателно и со љубов преку благодатта и застапништвото на Светиот Дух, го полага во душите наши уште од најмала возраст духот на вистината, на премудроста и на спасението.
Голема благодарност до старешината на храмот света Петка, протоереј Љупче Петрески, кој несебично се вложи и го направи ова големо торжество заедно со свештенослужителите на храмот заедно со одборот, кој ми ја даде честа да и јас преку певницата да земам дел и да го почувствувам духовниот Рај. Се надевам дека ваквото празнување на Празникот над празниците ќе прерасне во секојдневие, односно не само еднаш во годината туку и на секоја неделна воскресна богослужба. Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.
Христос Воскресна, Навистина Воскресна. За многу години – напиша Иваноски.