Во музичкото училиште “Ордан Михајлоски – Оцка” секојдневно се случуваат нови работи. Концерти, награди од меѓународни натпревари, постојано разубавување на условите за работа, а сето тоа го привлече и интересот на најмладите. Да почнеме со ред:
На меѓународниот фестивал во Аранѓеловац Р. Србија, учениците од нашето музичко училиште се натпреваруваа со ученици од Србија, Босна, Хрватска и Словенија и освоиа низа награди.
Прва награда за Анастасија Петреска од класата на проф. Киро Гаралоски и Филип Ѓорѓиоски од класата на проф. Денис Најдоски во категорија пијано. Втора награда за Ангела Иваноска и трети награди за Деспина Јованоска и Климентина Котеска од класата на проф. Леонарда Богданоска – Гиноска во категорија соло пеење.
На 23-ти март во центарот за култура “Марко Цепенков” училиштето организираше концерт “Барок – музиката на едно време”. Учениците се претставија со прекрасни изведби на задоволство на публиката.
Следуваше соло концерт на младиот виртуоз Леонардо Димоски, кој го одржа својот прв солистички рецитал. Со големо внимание беше проследено неговото музицирање каде што беа изведени композиции од Џ. Тартини и Ф. Крајслер.
Во центарот на култура „ Марко Цепенков “ – Прилеп за втор пат се одржа концерт во чест „ Светскиот ден на пијаното“. Музичкото училиште за прв пат започна со одбележување на овој ден, минатата година во просториите на училиштето, но оваа година учениците свиреа на новото пијано, каде што најуспешно се претставија и ги истакнаа вистинските звуковни можности на инструментот. Благодарение на сите оние кои несебично донираа во купувањето на инструментот и на локалната самоуправа на град Прилеп, денес музичкото училиште достојно го одбележа денот посветен на „Кралот на инструментите“, а во иднина учениците ќе можат да одржуваат концерти, каде што на прилепската публика ќе и поклонат преубава музика.
Сите овие активности, награди и настапи на домашна и меѓународна сцена, дополнително го привлекува вниманието на наставниците и учениците од основните училишта.
На 30-ти март во училиштето на посета беа учениците од ООУ “Кире Гаврилоски – Јане”. Учениците имаа можност да научат како се произведува звукот во музичките инструменти и беа благодарни за тоа на својата наставничка Даниела Наумоска.