На полноќ почнува изборниот молк, кандидатите уште денеска имаат можност да се претстават пред граѓаните

Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори, што треба да се одржи в недела на 19 октомври. Политичките партии, независните кандидати и коалиции уште денеска имаат можност да се претстават себе си и своите визии и програми за локалните избори.

Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на изборите. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вечерва завршен централен митинг ќе имаат во Охрид, а СДСМ и коалицијата својата програма ќе ја претстават во Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово и Куманово.

За денеска најавена е и прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, пак, ќе ја претстави својата програма на завршен митинг во Куманово.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, денеска ќе одржи прес – конференција на Плоштад „Слобода”. Во рамки на последниот ден од предизборната кампања, Левица планира целодневни активности и повеќе други активности како „Скопје пешки“ (Амар Мециновиќ ќе пешачи од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, тргнува од Ѓорче – пристигнува на Плоштад ,,Слобода” за прес конференција и продолжува кон Ново Лисиче), изложба „Скопје какво беше – какво е – какво треба да биде“, како и завршен собир во Изборниот штаб на партијата.

За утре е најавена и прес конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, како и на Билјана Ивановска, независна кандидатка за градоначалник на општина Центар поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.