Поради обилни врнежи на снег од превентивни причини утрово од осум часот е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот превој Плетвар и од 8.10 часот на магистралниот пат Охрид – Гостивар на планинските превои Стража и Пресека.
Забрана за тешки моторни возила од 8.20 часот е воведена и на магистралниот пат Гостивар – Дебар, поточно од Мавровска раскрсница кон Дебар.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од снег на коловозот.
Снег со слаб интензитет провејува на Попова Шапка, Маврово, Стража, Кичево, Македонски Брод, Железнец, Буково, Ресен, Ѓавато, Битола, Прилеп, Плетвар, Гевгелија, Удово, Демир Капија, Неготтино, Велес и Кула.
Патниот правец Македонски Брод – село Здуње на кој гравитираат 11 села не е прооден за секаков вид сообраќај.
Дежурните екипи на ЈП Македонија пат се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, освен на граничниот премин Деве Баир каде има задржување од 30 минути. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.