Понеделникот беше одреден за прозивка, прв собир на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп, но обидот не успеал. Во салата “Ричко” се појавиле само тренерите Пеце Велјаноски и Тони Димоски, а од ракометарите немало никој – пишува весникот “Зенит” во неговото најново издание.
Несекојдневна појава. Првотимците имале барања од клубот за исплата на некои обврски. Ќе почнеле со тренинзи потоа. Не може да се претпостави што ќе се случува. Овој клуб и спорт многу значеле и уште значат за градот, па затоа стои надежта дека работите ќе се средат.
Штета е, додека ракометот се смета за спорт број 1 во државата, овде да не се надоврзе традицијата. А и во актуелното првенство постојат шанси за опстанок. Лигата продолжува на 2 март дома со Еурофарм – додаваат од “Зенит”.