На денешен ден во 356 п.н.е. во градот Пела, во Егејска Македонија, е роден Александар Македонски, една од најпознатите личности на стариот век, војсководец и државник, кој од малечката Македонија создал светска сила.
Според разни извори има различни датуми, како за раѓањето, така и за неговата смрт. Го поразил огромното персиско царство и во својот поход стигнал до Индија, а умрел во Вавилон, на 13 јуни 323 г.п.н.е.
Александар се родил од бракот на македонскиот император Филип Втори и епирската принцеза Олимпија, на почетокот на месецот хекатомбајон кој Македонците го нарекувале лоос и тоа во шестиот ден, кога во Ефес е запален и храмот на Артемида.
Плутарх наведува дека неговото раѓање им било претскажано на Филип и Олимпија. Таа сонувала дека еден гром удрил во нејзиното тело и целата ја запалил. Филип, пак, сонувал сон во кој ја запечатил утробата на Олимпија со еден печат на кој имало отпечаток со лав.
Кога му ги раскажале соништата на дворскиот пророк Аристандар од Телмес, тој веднаш заклучил дека Олимпија е бремена и носи дете кое ќе има лавовски карактер. Истиот ден кога му се родил првиот син, кај Филип стигнале гласници кои го известиле за победата над Илирите и за победата на неговиот коњ на Олимписките трки.