На денешен ден во 1395 година загинyва последниот македонски крал: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да зaгинaм во таа бopба“

Крале Марко (околу 1335 – 17 мај 1395) — последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани. Истовремено, тој е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град и затоа се смета за македонски крал.

Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.

За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата.

За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.

Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи. Границите на Марковата држава биле: Вардар на исток, Шар Планина на север, Охридското Езеро и градот Костур на југозапад, а престолнина Прилеп.

По Маричката битка

Постојат различни претпоставки за годината во која кралот Марко постанал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 год., веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турските опсади на Прилеп и Битола во 1385 год., што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава. Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во „Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на „фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.

На 17 мај 1395 год. во битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирче крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории не е потврдена од науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов (Константин Драгаш), кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.

Kралот Марко во творештвото

Крал Марко е еден од најопеаните јунаци во македонското народно творештво. За него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е најопеаниот јунак во народната епска поезија. Притоа, описот на Крале Марко во народното творештво често драстично се разликува од историските факти.

На пример, во една песна се споменува дека учел кај попот Неделко во Призрен и дека му бил писар на царот Душан; во друга песна се вели дека бил присутен на бојното поле непосредно по завршувањето на Косовската битка; во песната „Марко пие на Рамазан вино“, тој му се спротивставува на султанот Сулејман, кој владеел по смртта на Марко; во друга песна се споменува дека Марко бил три години затворен во Истанбул и дека во младоста го убил својот брат Андријаш. Најпосле, според народната песна, Марко умрел крај морето, на Урвина планина, откако живеел 300 години, од кои со Шарец се дружел 160 години. Притоа, тој не умрел на бојното поле, туку во еден бунар го видел својот лик, а потоа го убил Шарец, ги скршил сабјата и копјето, го фрлил боздоганот во морето, напишал писмо и легнал да умре. Една недела подоцна, тука поминал игуменот Васо кој го зел мртвото тело на Марко и го закопал во црквата Хиландар, на Света Гора.

Во народното творештво, Крал Марко често е прикажан како јунак кој се бори против поробувачот или му пркоси на различни начини. Така, во песната „Орањето на Крале Марко“, тој намерно ги ора царските друмови, а потоа ги убива јаничарите и им го одзема богатството; другпат, тој го крши царскиот указ и игра оро со жените и пие вино на Рамазан при што ги присилува и турските оџи и аџии да пијат. Но, истовремено, народниот пејач бил свесен и за вазалската положба на Крал Марко: така, во песните тој служи во османлиската војска; се истакнува во војната на османлиската војска против Арапите; заедно со неговиот побратим Алил-ага го чуваат царството и ги задушуваат бунтовите; на царот му се обраќа со „потатко“ а на царевата жена со „помајка“, додека царот го нарекува „синко“ или „посинко“; застанува во одбрана на царот и на царевата ќерка.

Споменик на Крале Марко во центарот на Прилеп

Во народните песни, Крале Марко е обдарен со необични особини и со огромна, неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето. Така, уште на третиот ден по раѓањето, во домот на Волкашин дошоле три наречници, а една од нив предвидела „Марко јунак да е, кога момче оно да порасте, на татка си коски да му скрши“. Притоа, својата голема сила Крале Марко ја наследил од својот вујко, војводата Момчило кој бил најголем јунак. Во српската народна приказна „Како Крале Марко го научил јунаштвото“ (Како се Краљевиһ Марко јунаштву научио), Крале Марко кажува дека станал јунак така што го набљудувал однесувањето на децата и на кучињата: кога кучето или детето бега, тогаш сите други го гонат; но, дури и најслабото дете или куче, кога напаѓа, сите бегаат од него. Инаку, според народната песна „Урош и Мрњавчевиќи“, судбината на Крале Марко се остварила токму според клетвата на татко му Волкашин и на благословот на царот Урош: Имено, Волкашин го проколнал Крале Марко со зборовите: „Сине Марко, бог да те убие! Да немаш гроб ни пород! И душата да не ти излезе – додека не го двориш турскиот цар!“ Од друга страна, царот Урош го благословил посакувајќи му „твојата сабја да сече на мегданот! Над тебе да не се најде јунак! Името секаде да ти се споменува, додека постојат сонцето и месечината!“

Подоцна, Марко стекнал јуначки коњ, Шарец (некаде наречен Шарин), кој потекнува од кобилата која ја јавал Волкашин. Шарец, исто така, поседува неверојатна сила и необични способности, на пример, тој знае да зборува и понекогаш му дава корисни совети на Марко. Така, во песната „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, кога Марко бил стигнат од зетот на Ангелина и мисли дека ќе загине, Шарец му кажува да ги запре надојдените дрва и камења и така да ја премине реката. Во песната „Марко Крале и црна Арапина“, кога Марко сака да се врати во Прилеп за да си го земе оружјето, Шарец му кажува дека под неговата грива е скриена сабја. Во народната песна, Шарец е опишан на следниов начин: „шаренаго коња дебелаго, дебелаго коња кршигора, од ноздри му пламен излегува, а од уста саде бела пена, бела пена со крв измешана, од планина скока на планина, а зад него дождој од камења, што ги фрла коњот со копита“, „од копита жив оган светка, од ноздрите син пламен лиже“, и „по три копја во висина скока, а по добри четири напред“. Според една песна, Шарец живеел 160 години, а умрел така што Крале Марко му ја пресекол главата за да не им служи на Турците. Исто така, Марко се снабдува и со посебно оружје – сабја која „се дипли дванаесет дипли… што ми сече дрвја и камења“. Оваа сабја, Марко ја купил во Стамбол за 900 дукати.

Крале Марко бил оженет со Ангелина, ќерката на ковачот Јано од Солун, кој му бил побратим на татко му Волкашин и му го потковувал коњот. Притоа, Марко не ја освоил Ангелина со јунаштво, туку ја грабнал на денот на нејзината свадба, служејќи се со итрина: „Ангелина му се поклонила и повторно рака целивала. Тога Марко за рака ја фатил и ја фрлил зад себе на коња… и си летнал по бели друмови“. Според народната песна, подоцна, поради една банална причина, Марко ѝ се скарал на Ангелина и заминал во Солун, каде седел три години и не сакал да се врати дома. Оттука, таа се премажила за јунакот Беле од Костур, но Марко отишол кај неа и жива ја запалил. Во друга песна е опишано дека Крале Марко се оженил со ќерката на некој поп Никола, која ја грабнал, служејќи се со итрина, така што фрлил дукати меѓу сватовите за да ги збуни. Најпосле, во песната „Крале Марко и Алил-ага“, тој вели дека дома го чека верната жена Јелица која е благородна госпоѓа.

Марковите Кули над Прилеп

Инаку, интересен е физичкиот лик на Крале Марко, кој сам по себе е доволен секому да му влее страв. На пример, тој „засукал мрка мустаќина, еден мустаќ до три руна црни, ми натмурил очи соколови, и над ними веѓи пијавици како црни крила ластовички“, а на друго место, неговите мустаќи се опишани на следниов начин: „во уста нешто црно носи, како јагне половингодишно“. Оттука, во една прилика, големиот јунак Љутица Богдан, кога ги погледнал црните очи на Марко, нозете му се потсекле, а кога Велимировица го видела Марко „ја фати треска тригодишна“. Кога Марко го јава својот коњ, неговата сила е толку голема, што „се затресла клета црна земја, завеале силнине ветрови, прибучале реки и езера, с’исплашиле луѓе по градишта, и ѕверови длабоки пештери, сите пилци мали по земјата“.

Се разбира, јунак со ваква физичка сила, со необичен коњ и со моќно оружје, немал страв од никого и лесно се справувал со своите противници. На пример, уште како дете, кога му бил девер на Релјо Шестокрило, свадбената поворка била пресретната од ѕвер со три глави од кого сите сватови избегале, само „Марко, брате, не ми се уплаши… Марко ми се јуначки бореше…три саати токмо се бориле, дури Марко ѕверетина кутнал“. Неговата сила е толку голема, што лесно може да фрли тежок камен на далечина од „пет саати место“, а при средбата со Господ, Марко дури успеал малку да ја поткрене целата Земја. Еднаш, кога царот Мурат издал наредба „каурин зелено да не носи, сите ми го цара послушале, не послуша Марко Кралевиќе, тук ми носи зелена долама“.Во борбата против црна Арапина, кога тој го удрил со боздоганот, Марко само му одговорил: „ал се смееш ал вистина маваш, ал од кожув праот ми го тресеш!“, а потоа, толку силно го удрил Арапот, што нему „снагата во земи му пропадна, а глава му на страна побегна“. Пред тврдината во Варадин, најпрвин Крале Марко лесно победува 300 војници, а потоа сам совладува дури 3.000 војници.Најпосле, Марко бил толку силен што можел да ги совлада и самовилите.

Покрај со физичката сила, понекогаш Марко се служел и со итрина за да ги совлада противниците. На пример, кога бил ослепен од Јуда самовила, „Марко ѝ се милно-жално моли: Дај ми, Јудо, око половина, да си видам моја добра коња“, а потоа тој го зел боздоганот и ја претепал самовилата Во друга прилика, тој се преправил во калуѓер за да влезе во дворецот на Беле од Костур. Во борбата против Корун разбојник, по тричасовна борба, Марко паднал на земја и се спасил така што „се побара в свилени појаси, си извади потајно оружје, го распора Корун арамија“, а на истиот начин го совладал и Муса Кесеџија кој, исто така, бил посилен од него. Подоцна, поради големото фалење, Крале Марко ја загубил силата, така што повеќе не бил најголем јунак, но продолжил да ги победува посилните од него, служејќи се со нечесни методи на борба. Таков бил случајот со борбата против седумгодишното дете Дукадинче, кое било седумпати поголем јунак од него, но Марко го победил така што ненадејно го пресекол со сабјата, додека детето го подготвувало својот коњ.На ист начин, служејќи се со итрина, Марко го убил и Груица Детенце.

Извор: “Википедија”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.