Љубе Героски станал од гробот, пред жив да го закопаат.
– Оживеал на гробишта како дете, но останал глувонем да ваја сувенири во годините како стечаен работник.
Веќе цели 59 години уста не отворил, глас не слушнал, 66 годишниот прилепчанец, Љубе Героски, родум од Пашино Рувци. Го загубил говорот и слухот, како последица на висока температура, иако знаел да чита. Глувонемиот стечаец од фабриката Современ дом го туркала судбината да се врати од умрените меѓу живите, да стане од ковчегот и да му куртули на селскиот гробар од лопатата. Дедо е, кој го осмислил времето, оти не се вработил по стечајот. Ваја мали дрвени сувенири да вади денар повеќе за семејниот буџет, бидејќи и сопругата не работи. Не може да ја зголеми понудата и асортиманот, оти не е арен со нозете, а и срцето непара му функционира. Се жали дека, од време на време, чувствува асматични тешкотии.
Докторите кренале раце
Сопруга му Трајанка кажува дека баба му на Љубе раскажувала дека внук í бил умрен, кој станал од ковчегот на гробишта.
– Љубе паднал болен од висока температура на седум години. Не знаеле старите дека детето паднало во кома. Првин го носеле кај надрилекари, а после и кај докторите во болницата. Но, тие кренале раце и го предале на Господ. Родителите го зеле детето дома. Пак го носеле по бајачки и гатачки, го мачкале со мелеми и свети води, но детето не давало знак на живот. Лежело во постелата со денови здрвено. Вегетирало, ниту живо, ниту мртво. Родителите не знаеле дали челадта е за кај Господ или за овој свет. Со болка во душата, се предале пред реалноста. Надежта ги напуштила и се збогувале. На погребот со целата црковна церемонија на селските гробишта, низ плачот на браќата, на роднините, Љубе се освестил и станал од ковчегот пред гробарите да ја фрлат првата лопата во гробот. Оттогаш не зборува и не слуша. Артикулиран глас не му излегува од устата. Мајка му се срамеше, а татко му не го сакаше, оти беше глувонем – ја прераскажува сопругата Трајанка судбината на својот сопруг Љубе.
Од светот на темнината, Љубе отишол во светот на тишината. Природата му го одзела дарот за говор и слух. Останал нем и глув. Уста не отворал и камбани не слушал. Со годините ја нашол животната сопатничка. Работел како дрводелец во Современ дом. И таму среќата му го свртела грбот. Фирмата пред петнаесетина години пропадна и отиде во стечај, а глувонемиот мајстор доживеал уште едно премрежје, овојпат од егзистенцијална природа. Останал без леб во топлото семејно гнездо со двете деца. Успел да ги накрене со државни надоместоци и веќе е свекор и дедо на внучиња.
Дар за уметност
Борец е Љубе низ трнливата и сурова животна патека. Не í се предава лесно на судбината. Покрај стекнатиот недостаток, упорен е и жилав. Не знае да мирува зашто во него вирее готовноста за грижа за семејството. Природата го казнила, му го зела јазикот и слухот, но му дарила вештина за вајање на дрво. Се движи низ чаршијата, продавајќи ги создадените ситни уметнички дела како сувенири за да извади некој денар за чоколадо за внучињата.
– Подебели прачки ми сечат на машина, оти не слушам. Од нив создавам мали цепеници. На нив надградувам, рачно направена дрвена секира. Сето тоа дома го стружам, го делкам со нож, го бојадисувам, го лакирам, да извајам сувенир за да обезбедам некоја пара, плус. Ги продавам по 60, 80, па и сто денари низ чаршијата. Доаѓаат и земаат по десетина парчиња за продажба за Охрид – кажува Љубе со гестови, кои ги преведува неговата сопруга, која го научила јазикот на глувонемите.
Уште од дете пробале родителите да му го олеснат животот, да му овозможат да го слушне мајчиниот глас, да ги чуе браќата. Пробале на разни места да најдат илач да му го вратат слухот, да го извадат од молкот за да ги почувствува убавините на животот. Но, залудни биле обидите да се најде чаре и Љубе да прозборува.
Хендикепираниот Љубе го минува животот без да ги чуе насмевките на внучињата, кога му викаат дедо. Тишина владее во неговиот свет.
Извор: Неделник Зенит