Изнервиран човек повикал полиција откако платил две евра за еспресо без кофеин во кафулето „Ditta Artigianale“ во Фиренца. Тој се пожалил во полиција дека цената не била јасно истакната зад пултот.
На крајот, таа грешка ги чинела газдите 1.000 евра казна за локалот кој е познат по доброто кафе и по освоени награди, објави „Гардијан“.
Сопственикот, Франческо Санапо, луто ја коментирал казната на социјалните мрежи и го бранел кафето што го нудат, а кое доаѓа од мала плантажа во Мексико и „со големо внимание го подготвуваат неговите баристи“.
-Ме казнија затоа што некој се навреди што платил две евра за кафе. Дали ви се верува? Денес секој може да се изнервира и да ја мобилизира полицијата која ќе не казни за застарениот закон – изјави Санапо, држејќи ја казната од полицијата.
Во Италија просечната цена на еспресото е едно евро, иако повеќето кафулиња и барови неодамна ги зголемија цените поради проблеми со снабдувањето и повисоките цени на кафето.
Групите за заштита на потрошувачите предупредија дека просечната цена на еспресото оваа година би можела да порасне до 1,5 евра, пишува „Гардијан“.