Нема реакција од градоначалникот Илија Јованоски и Претседателот на Совет, Миле Талески, после денешната прес конференција на советникот Виктор Здравески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во прес конференцијата Здравески ги праша властите дали зад организацијата на овогодинешниот “Пивофест” се крие организиран криминал, со оглед дека целата работа за избор на организатор се криеше од очите на јавноста. Oд општина Прилеп обично излегуваат со куси деманти на пресовите од ВМРО-ДПМНЕ, но денеска таков демант изостана.
Прес конференцијата уште еднаш ја пренесуваме во целост:
“Во општината предводена од Илија Јованоски и Миле Талески не се знае кој јаде и кој пие, но кога нивните лични интереси се во прашање, и тоа како знаат што прават.
Организацијата на овогодишното издание на “Пивофест” е уште еден во низата скандали за кои токму Јованоски и Талески се први повикани да дадат одговори пред граѓаните.
Ако досега за избор на организатор на фестивалот се носеше одлука на совет, сега градоначалникот си направи комисија по свој терк и без никаква транспарентност си избра агенција, која ќе добие средства во вистина од 2,5 милиони денари граѓански пари.
Ги прашуваме властите:
Како и на кој начин е направен изборот на членови во оваа комисија?
Кои беа критериумите за избор на актуелниот организатор и дали зад сцена се крие организиран криминал за кој би одговарале Јованоски и Талески?
Дали е вистина дека градоначалникот уште од февруари месец преговарал за организирање на фестивалот со менаџер од Србија и дека предвреме било познато која агенција ќе го организира “Пивофест”?
Значи ли нешто за градоначалникот името Добривоје Марински?
Ќе одговори ли Јованоски на прашањето дека за истите пари можел да доведи светска агенција, со врвни изведувачи и фестивалска сцена рамна на светски спектакл?
Вистина ли е дека поради нивната несериозност и гледањето на личните интереси ја пропуштиле можноста фестивалот да ја врати старата слава и сјај?
Почитувани,
Луѓето како Јованоски и Талески кои со години го критикуваа фестивалот во Прилеп, со ваквите постапки и токму сега од него прават вистински паѓур.
До каде ќе оди лудилото на уништување на сопствениот град и препознатливите брендови, останува да видиме во преостаните 2 години од нивниот мандат, што за среќа ќе бидат последни”.