Можело и вака: Доброто менаџирање донесе нова медицинска опрема од над 80 милиони денари во прилепската болница (ФОТО)

Во присуство на министерот за здравство, Азир Алиу, денеска во прилепската болница “Борка Талески” беше презентирана медицинска опрема и апаратура, кои раководството на болницата ги обезбеди преку сопствени средства, како и медицинска опрема донирана од повеќе општествено одговорни компании и организации. Вкупната вредност на целата опрема со која во изминатиот период се поднови болницата, и со која значително ќе се зголеми бројот на услуги за пациентите, изнесува над 80 милиони денари.

Во рамките на презентацијата беше прикажана новата медицинска опрема набавена со средства на ЈЗУ во вкупна вредност од 50.160.751 денар. Со оваа инвестиција болницата се здоби со нов стерилизатор, дигитален рентген апарат, хистероскоп и лапароскоп, апарат за анестезија и монитор, два апарата за механичка вентилација, електричен гинеколошки стол и родилен кревет, ехо апарат за гинекологија, електрохируршки систем за фузионирање на крвни садови и општа хирургија, како и хируршки светла за операционите сали.

Дополнително, беше презентирана и донираната медицинска опрема во вкупна вредност од 32.300.070 денари, обезбедена преку поддршка од повеќе компании, институции и поединци кои со својата општествена одговорност дадоа значаен придонес за развојот на болницата.

“Прилепска Пивара” донираше цистоскоп за урологија во вредност од 616.000 денари, а Микросам обезбеди електрокаутер за максилофацијална хирургија вреден 40.203 денари. Мото клуб „Рисови“ донира капа за снимање ЕЕГ во износ од 26.000 денари, додека Локалната самоуправа Целим придонесе со комбе за брза помош со целосна медицинска опрема во вредност од 1.726.278 денари.

Министерството за здравство обезбеди артроскопски столб за ортопедија во вредност од 10.974.000 денари, како и лапароскопски столб за урологија вреден 12.236.600 денари. Вик Македонија – Прилеп донира ЕЕГ апарат за детска возраст во износ од 1.815.203 денари, а Мермерен комбинат – Прилеп придонесе со стрес тест за интерното одделение во вредност од 1.229.088 денари.

Организацијата HBO Hand Till Hand донира ехо апарат за колкови кај деца во вредност од 1.023.000 денари, додека Гаро Градба ДООЕЛ – Прилеп обезбеди пила-борер во износ од 122.000 денари. Компаниите Витаминка, Комфи Ангел и Кожувчанка заеднички донираа стоматолошки стол вреден 120.000 денари, а Моцарт кладилници донираа ехо апарат за мозок кај деца во вредност од 622.000 денари.

Компаниите “Матадор” и “Бим Фуд” обезбедија ЦТГ апарат за гинекологија во вредност од 120.000 денари, додека Алијанса – Кавадарци донира два медицински монитори во износ од 600.000 денари.

-Секој од овие придонеси претставува важен чекор во зајакнувањето на медицинските капацитети и подобрувањето на условите за работа и третман на пациентите. Воедно, Ве информираме дека во установата е во тек постапка за вработување на 124 извршители на неопределено време, меѓу кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти, 1 оптометрист, 1 психолог и 12 административно-технички извршители (шофери, физички работници, котлар и административни службеници). Оваа презентација е резултат на континуираната заложба на нашата установа за модернизација на здравствената заштита, подобрување на квалитетот на услугите и обезбедување современи услови за дијагностика и третман на пациентите, истакна Д-р специјалист Кире Јоноски, директор на прилепската болница “Борка Талески”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.