Црвено-белите од Прилеп продолжуваат да ги разочаруваат фудбалските вљубеници. Денеска на гостувањето кај лидерот Струга, мрежата на прилепчани се тресеше дури 6 пати.
Иако победашите дуелот го започнаа добро со водство во 19-та минута, кога прецизен беше Ферати, Струга брзопотезно го заврти резултатот во своја корист преку Бојку во 42-та и Ибраими во судиското продолжение од првото полувреме.
Во вториот дел Мухарем донесе водство од 3:1 за стружани, а Победа намали на 3:2 со погодокот на Кудијан во 66-та минута.
Но, само две минути подоцна Шабани одново донесе водство од два гола разлика за Струга. Победа немаше сили за нова неизвесност на натпреварот, па Ибраими комплетираше хет-трик со погодоци во 72-та и 76-та минута.
Црвено-белите се речиси без шанси за опстанок во најелитното фудбалско друштво и во моментов заостануваат 5 бода зад Скопје, во борбата за десеттото место кое води во пеј-аут.
Во наредното коло во Прилеп гостува Работнички, кој денеска славеше со 1:0 токму над Скопје.